Британскиот бруто домашен производ (БДП) порасна во второто овогодишно тромесечје за 0,6 отсто на квартална основа, што значи благо забавување во однос на првите три месеци од оваа година, објави денеска Британската статистичка служба.
Британската економија на тој начин продолжува да расте откако на крајот на минатата година заврши во блага рецесија.
БДП-то во периодот од 1 јануари до 1 април годинава порасна за 0,7 отсто, откако во третото минатогодишно тромесечје беше намален за 0,1 отсто, а во последниот лански квартал за 0,3 отсто. Со тоа беа обележани два последователни негативни квартали, што за економистите значи техничка рецесија.
Фактот дека инфлацијата падна од рекордните нивоа во последните четири децении помогна за повторен раст на британската економија.
Податоците за вториот квартал го покриваат периодот непосредно пред општите избори на Островот на почетокот на јули, на кои победија лабуристите со ветување дека ќе ја поттикнат економијата.
„Новата влада нема илузии за размерите на предизвиците што ги наследивме после повеќе од една деценија низок економски раст и црна дупка во јавните финансии од 22 милијарди фунти (26 милијарди евра)“, рече министерката за финансии Рејчел Ривс, коментирајќи ги најновите податоци на француската новинска агенција АФП.
„Заради тоа економскиот раст го направивме наша национална мисија и сега донесуваме тешки одлуки за да ги поправиме темелите за да можеме повторно да ја изградиме Британија и да го унапредиме секој дел од земјата“, додаде министерката Ривс.
Најновите бројки за БДП-то на Велика Британија открија дека последниот месец од второто тромесечје бил многу слаб, со економија која во јуни забележа нулта раст, поради „слабиот месец за здравството, малопродажбата и големопродажбата, што беше неутрализиран со растот во производството“, се наведува, меѓу другото, во извештајот на АФП.
Меѓутоа, среднорочната објава на Заводот за статистика покажа дека инфлацијата во Британија во јули се забрза за прв пат оваа година. Годишниот раст на потрошувачките цени, мерен со индексот на потрошувачките цени, изнесувал 2,2 отсто, во однос на 2 отсто во јуни, што е над целта на Централната банка на Англија.
Банката ги намали каматните стапки овој месец, а аналитичарите се оптимисти дека ќе продолжи со намалување на каматите и покрај забрзаната инфлација, затоа што инфлацијата е многу пониска отколку што беше во месеците после почетокот на руската инвазија на Украина.







