Северна Кореја вчера ги обвини САД и Јужна Кореја за ескалација на тензиите до раб на нуклеарна војна, заради нивните заеднички воени вежби, и вети дека ќе одговорат со „офанзивна акција“, објави Ројтерс, повикувајќи се на севернокорејски државни извори.
„Безобзирната воена конфронтирачка хистерија на САД и нивните следбеници против Демократска Народна Република Кореја ја доведува ситуацијата на Корејскиот Полуостров до неповратна катастрофа… на работ на нуклеарна војна“, се вели во написот на кој се повикува Ројтерс.
Американските и јужнокорејските сили спроведуваат серија годишни пролетни вежби, вклучувајќи воздушни и поморски вежби во кои учествуваат американски носач на авиони, бомбардери Б-1Б и Б-52 и десантни амфибии.
Северна Кореја бурно реагираше на вежбите, нарекувајќи ги проба за инвазија. Поттикнат од нив последниве недели Ким Јонг Ун ја засили својата воена активност, откривајќи нови, помали нуклеарни боеви глави, притоа ветувајќи дека ќе произведе повеќе нуклеарен материјал за оружје и тестирајќи го, како што го нарече, подводното јуришно беспилотно летало способно да носи нуклеарно оружје.
Минатиот месец Северна Кореја истрела интерконтинентална балистичка ракета способна да ги погоди САД, нарекувајќи го тоа одговор на сојузничките вежби.
(Фото: „Скај њус“)







