Иако никој од нас кој планира празнични новогодишни и божикни собирања или патувања не сака да слушне лоши вести, фактите укажуваат на зголемување на бројот на пациенти и заразени со новата варијанта на ковид-19, ЈН1 (JN.1), што во голема мера ги загрижува експертите, пренесува порталот „Медскејп“ (Medscape).
Добра вест е што неодамнешните истражувања укажуваат на тоа дека ажурираната вакцина против Ковид-19 за сезоната 2023-2024 година дејствува и против најновата варијанта.
„Во Америка бранот на новата подваријанта на омикрон – ЈН.1 веќе тргна, но може да се ублажи со бустер вакцина и со други мерки што ги знаеме од претходно“, вели д-р Ерик Топол, професор и главен уредник на „Медскелп“, сестринска интернет страница на ВрбМД (WebMD).
Но, проблемот е во тоа што досега се вакцинирани многу малку луѓе, на пример, во САД помалку од 16 проценти од возрасните.
Затоа, инфектолозите и епидемиолозите сметаат дека е време надлежните служби да упатат јавен повик за вакцинација со ажурирана вакцина додека уште не е доцна, односно додека антителата сè уште можат да „проработат“ пред почетокот на празничните собирања.
Во меѓувреме, бројот на заразени и болни расте.
Според податоците на здравствените служби во САД, во седмицата што заврши на 25 ноември поради Ковид во болница биле згрижени речиси 10.000 пациенти, а се истакнува и дека тоа е зголемување од 10 отсто во однос на претходната недела.
ЈН.1, подваријантата на омикрон, првпат беше откриена во САД во септември.
Тогаш, Светската здравствена организација ја нарече „потомок“ на подваријантата на омикрон БА.2.86 (BA.2.86).
Кога варијантата БA.2.86, позната и како „Пирола“, за прв пат беше идентификувана во август, се чинеше дека значително се разликува од другите варијанти, објавија тогаш надлежните американски институти за јавно здравје, што предизвика загриженост за тоа дека оваа подваријанта може да биде позаразна од претходните, дури и за лица кои стекнале имунитет преку вакцинација или по претхо прележани инфекции.
Пирола ги загрижи експертите бидејќи има 34 мутации повеќе од варијантата БA.2.
Рајендрам Рајнарајанан, помошник на деканот за истражување и вонреден професор на Институтот за технологија во Њујорк, што е во рамки на Државниот универзитет Арканзас, кој ја ажурира базата на податоци за варијанти и подваријанти на ковид-19, сликовито рече дека „ЈН.1 е всушност подмладок на Пирола“ и додаде дека варијантата БA.2.86 и нејзините потомци ги загрижуваат научниците поради мутациите.
Според официјални податоци од 27 ноември, се предвидува дека БA.2.86 ќе содржи од 5 до 15 отсто од циркулирачките варијанти во САД.
„Очекуваниот ризик од оваа варијанта, вклучувајќи го и нејзиниот огранок ЈН.1, за јавното здравје е низок“, објави државната здравствена агенција.
Рајнарајанан вели дека во моментов ЈН.1 почесто се пријавува во Европа, но дека треба да се земе предвид оти некои земји подобро ги ажурираат податоците од другите.
Тој смета дека оваа подваријанта досега „најверојатно се проширила во сите земји чии здравствени власти го следат ширењето на Ковидот“, поради мутации во протеинот во клетките кои му олеснуваат и врзување и зараза.
„Новата моновалентна вакцина заштитува од подваријантите на омикрон – XBB.1.5 (позната и по прекарот ‘кракен’) и ЈН.1, но и од други вируси кои постепено се појавуваат“, информираше тим на истражувачи на 26 ноември во студија објавена на страницата „БиоРхив“ (bioRxiv), која сè уште не е рецензирана.
Научниците велат дека ажурираната вакцина, со која се вакцинирани неинфицирани лица, ги зголемила антителатата за околу 27 пати против XББ.1.5 и за околу 13 до 27 пати против JН.1 и останатите нови вируси.
„Иако дури и примарните дози на вакцината против Ковид веројатно ќе придонесат да се заштитите од инфекција со новата подваријанта JН.1, доколку го добиете и бустерот XББ.1.5, тој уште поефикасно ќе ве заштити од новата подваријанта“, истакна Рајнарајанан.
Во ноември беа објавени првите детални проценки за тоа колку од населението е вакцинирано.
До 18-ти минатиот месец вакцинирани биле помалку од 16 отсто од возрасните во САД, а околу 15 отсто рекле дека имаат намера да добијат дополнителна (бустер) доза.
Меѓу децата тој процент е уште помал.
Новата ажурирана вакцина ја примиле само 6,3 отсто од децата, а 19 отсто од родителите рекле дека планираат да ги вакцинираат своите потомци во сезоната 2023-2024 година.
Додека некои експерти велат дека врвот на инфекцијата со подваријантата JН.1 се очекува во наредните недели, Топол смета дека е невозможно точно да се предвиди како ќе се шири JН.1.
„Во секој случај нема да се повтори ноември 2021 година, кога првпат се појави омикрон“, истакна неговиот колега, Рајнарајанан.
Тогаш, за само четири недели, откако Светската здравствена организација го прогласи омикрон за загрижувачка варијанта, вирусот се прошири низ светот.
Рајнарајанан ги предлага следните мерки кои можат да го спречат ширењето на вирусот:
- Вакцинирајте се со ажурирана вакцина. Охрабрете ги и поттикнете ги постарите членови на семејството и пријателите да го сторат тоа.
- Доколку за време на празниците планирате со пријателите да се дружите во затворен простор, почесто проветрувајте ги собите.
3. На аеродроми, во авиони и во други средства за јавен превоз носете маска, тоа ќе ви помогне вам и на другите.







