Лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, додека се во исчекување на одлуката на Ѓорге Иванов за доделување на мандатот за формирање нова влада, интензивно водат преговорите за поделба на ресорите и за кадровските решенија.
Тие, според извори од двете партии, се во постојана комуникација.
Неофицијално дознаваме дека во четвртокот доцна попладнето имале тет-а-тет средба на која двајцата лидери дискутирале за составот на новата влада.
Од СДСМ се уште не откриваат како ќе се поделат ресорските места, се додека нема целосни информации кои партии ќе ја сочинуваат идната влада.
Социјалдемократите сакаат во идната влада свои министри да имаат трите партии на Албанците – ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците, од кои се состои новото мнозинство.
Согласно роковите, доколку претседателот Иванов донесе одлука да го додели мандатот, новата влада треба да биде избрана на крајот од мај.
ДУИ, неофицијално, останува на ставот дека, согласно нејзината клучна позиција за деблокирање на процесот, треба да добие соодветна застапеност во идната влада.
Тоа, според извори од седиштето на партијата во Мала Речица, би значело дека треба да добијат осум раководни позиции во владата, две вице-премиерски места и шест министерски позиции.
Дополнително, се бара од нивните редови да бидат и четири заменик-министри и четири државни секретари.
Ова, наводно, своевремено ДУИ го договорила со ВМРО-ДПМНЕ.
За тоа кој, каде и што ќе биде „интегративците“ молчат.
Дали Ахмети во новиот владин кабинет ќе оди со веќе познати лица или ќе има нови имиња, меѓу кои и дел од сегашните министри, за сега не се знае.
И од ДУИ проценуваат дека новата влада би требало конечно да биде избрана до крајот на овој месец.
Од Алијансата за Албанците велат дека се уште преговорите не се почнати, но дека веќе има одредени насоки во одос на тоа како би се движела застапеноста на партиите.
Според оваа коалиција, која во парламентот има тројца пратеници, но без која не би можела да се формира владата, доколку Беса не влезе во неа, нивната застапеност во однос на ДУИ би требало да биде два спрема еден во сите ешалони.
Тоа, според нив, значи дека тие би требало да добијат најмалку три министерски места.
До овој момент се лицитира само со името на Арбен Таравари, лекар специјалист по неврологија, за министер за здравство, доколку се разбира коалицијата во свое „владение“ го добие овој ресор
Засега е неизвесно учеството на Беса во новиот владин состав.
Од партијата која во парламентот има пет пратеници тврдат дека нема никакви преговори со лидерот на СДСМ, Зоран Заев и дека се чека прво да биде доделен мандатот.
За нив не е клучно колку и кои ресори би ги добиле, важно им е дали сите потенцијални владини партнери ќе застанат зад една заедничка програма која што ќе значи сериозни реформи во општетството и која што за сите ќе претставува сериозна одговорност.
Факт е дека не сакаат во иста влада со, како што велат, инкриминирани личности, мислејќи на досегашните функционери од составот на ДУИ.







