Премиерот Зоран Заев на средба со претставниците на Синдикатот на фабриката за шински возила „Колска“ од Велес соопштил дека презема обврска уште денеска да почне да се решава проблемот на вработените кои шест месеци не зеле плата, како и дека ќе се изнајде и трајно решение за статусот на фабриката, соопшти владината служба за информирање.
По насоката на премиерот, информираат од Владата, проблемот финансиски ќе биде решен со што 125-те вработени во „Колска“, во најкус можен рок ќе можат да си ги земат одработените плати.
Заев на средбата со претседателот на Синдикатот, Слободан Димитровски и членовите на претседателството, Влатко Митревски и Марјан Мицев најавил дека до крајот на неделата ќе одржи стручни консултации на трајно решавање на статусот „Колска“ и обезбедување на работниот однос на вработение во неа.
Синдикатот предложил решение за враќање на „Колска“ во рамки на Јавното претпријатие „Македонски железници“.
Според соопштението од Владата, претставниците на Синдикатот се пожалиле дека досега се соочувале со несериозен однос од државата, поради што освен што е загрижена егзистенцијата на вработените, тие немаат ниту здравствено осигурување. Поради ова, стои во соопштението, дел од нивните колеги се соочуваат од сериозни здравствени последици.
Претставниците на Синдикатот рекле дека проблеми со платите имаат со години поради несигурниот работен однос и проблемите поврзани со опстанокот на фабриката.
Тие посочуваат дека фабриката и е потребна на државата, но според нив, од необјасниви причини, не се користела, додека биле распишувани тендери со странски фирми за одржување патнички и товарно вагони, тоа што е нивна дејност.
Како решение предложија враќање на фабриката „Колска“ во рамки на Ј.П. Македонски железнии, се наведува во соопштението.







