„ВМРО-ДПМНЕ со негласањето на Законот за јавно обвинителство јасно покажа дека не е за правна држава и за европска иднина на земјава“, рече денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев од прес-конференцијата во партискиот штаб порача дека СДСМ продолжува со реформите и ги повика сите, како што рече, правдољубиви граѓани, утре во 18 часот пред Собранието да се приклучат кон Маршот на правдата.
Испрати и порака до европските лидери, дека земјава го спроведе ветеното и дека сега ЕУ е на потег.
„ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за правна држава, ниту за европска иднина, покажа дека ништо не се променило, дека белиот дворец е се уште е заложник на осудениот криминалец Груевски“, истакна Заев.
Тој уште еднаш нагласи дека на СДСМ и е најважна европската иднина на земјата и изградбата на правната држава.
„Праќаме јасна порака колку ни е важна европската иднина. Продолжуваме со реформите. Сега Европската унија е на потег, ЕУ мора да го види и да го препознае овој балкански потенцијал. Нашата земја ги исполнува и реализира своите обрвски. Почитувани граѓани на ЕУ, почитувана Европска комисија и лидери на земјите членки, нашите ветувања ги исполнуваме, време е и ЕУ да го исполни своето ветување“, рече Заев.
Дополни и дека бара нов, чист мандат за, како што напомена, да се расчисти правосудството од нечесните обвнители.
„Одиме со одлучни чекори кон неселективна и вистинска правда, а одгвоорност ќе има за сите кои ги пекршиле законите“, подвлече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.