Владата на Република Северна Македонија силно се залага да гради цврсти релации со соседите, со земјите од Западен Балкан и Европа, истакна премиерот на Северна
Македонија Зоран Заев во неговата видео порака за време на петтиот „Thessaloniki Summit 2020“, јави дописничката на МИА од Атина.
На првиот ден од Самитот, на панелот посветен на регионот, македонскиот премиер и неговиот грчки и албански колега, Кирјакос Мицотакис и Еди Рама, како и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји имаа видео обраќање.
„Владата на Република Северна Македонија силно се залага да гради цврсти релации со соседите, со земјите од Западен Балкан и Европа. Сето тоа го демонстрираме и на дело, делејќи ги европските вредности преку имплементација на структурните економски реформи засновани на демократските принципи, владеење на правото и борбата против корупцијата во насока на градење просперитетно општество“, истакна
Заев.
Македонскиот премиер потенцираше дека Грција е важен трговски партнер за нашата земја, бидејќи е меѓу топ петте најголеми трговски партнери, „со вкупна трговска размена за периодот јануари август годинава од 414 милиони евра“.
„Како пријателски земји, потенцијалите за унапредување на инвестициските активности и економската соработка сметаме дека треба да имаат нагорен тренд. Придобивките од договорите за стратешко партнерство треба максимално да ги искористиме, да создадеме амбиент за непречен развој на економијата и за нови и
современи бизнис иницијативи“, рече Заев.
Говорејќи за пандемијата истакна дека „заедничката, посветена и силна соработка на сите нивоа во овие моменти е неопходна, особено кога проблемите на секоја нација се веќе глобални проблеми“.
„Thessaloniki Summit 2020” е под покровителство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, го организира Федерацијата на индустрии на Грција во соработка со „Делфи економскиот форум“ и со поддршка од „Enterprise Europe Network Hellas“, а оваа година, поради пандемијата е во форма на дводневен виртуелен настан.
Македонскиот премиер и лани учествуваше на самитот во Солун, а на маргините на „Thessaloniki Summit 2019” оствари средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.