Премиерот Заев денеска оствари средба со делегација од Црвениот Крст на Република Македонија, предводена од Генералниот секретар на организацијата, Саит Саити.
На средбата заеднички беше констатирано дека оваа хуманитарна организација има клучна улога во општеството, кога е хуманоста во прашање.
„Црвениот Крст ѝ помага на државата, на институциите, а од друга страна власта нè почитува и нè препознава како свој партнер“, истакна генералниот секретар Саит Саити.
Премиерот Заев на денешната средба посака повеќе да се продлабочува соработката на Црвениот Крст со Владата и со Министерството за труд и социјална политика.
Потенцирајќи дека Премиерот Заев многупати досега ја покажал својата хуманост, Генералниот секретар, Саити, побара поддршка од него за измена на неколку законски регулативи кои се однесуваат на работата на Црвениот Крст.
Тој смета дека со измените во законот за безбедност во сообраќајот, ќе се регулира издавањето на потврдите за прва помош на возачите, а пак со измените во законот за Црвен Крст во голема мера ќе се зајакнат капацитетите на организацијата.
Саити од Заев побара владата да ја измени „Програмата за унапредување на крводарителство“, односно да се зголеми сумата која ја добива Црвениот Крст од буџетот по единица собрана крв.
„Владата има голема почит кон Црвениот Крст и неговата работа, во интерес на граѓаните. Ако со измените на овие законски прописи, успееме да го зајакнеме капацитетот на оваа организација, знам дека таа ќе им се најде на сите граѓани“, истакна премиерот Зоран Заев.
Саити, средбата ја искористи да го запознае премиерот дека Црвениот Крст поседува „сертификат за силно национално друштво“ и дека постојано им помагаат на голем број ранливи граѓани.
Премиерот Заев на денешната средба доби покана да присуствува на прославата на 73-годишнината од основањето на Организацијата на Црвениот Крст во Република Македонија, која се одбележува кон средината на овој месец.







