Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска остварил средба со Ружица Попева Наумова, членка на Управниот одбор на Здружението за заштита на граѓански права „Но Пасаран“, и со други членови на здружението.
Претставниците на здружението „Но Пасаран“ го информирале премиерот Заев за проблемите со кои се соочуваат, а се поврзани со постојаните притисоци од извршители, блокирани сметки и тужби за сметки што ги добиваат за парно греење и покрај тоа што се исклучени од системот на централно греење.
На средбата премиерот Заев соопштил дека Владата на Република Македонија веќе бара начин за решавање на овој горлив проблем за граѓаните, согласно законските прописи, и дека во најбрзо време ќе предложи начин како ќе се отстрани оваа неправда.
Премиерот Заев ги потврдил цврстите заложби на владата да работи во служба на граѓаните и во тој правец ќе се носат решенија кои ќе превенираат вакви проблеми да се случуваат во иднина.







