„Голема е честа и одговорноста да се води државата, а јас можам да ја водам со социјалдемократската младина до мене“, рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев во своето обраќање пред младите социјалдемократи во во Охрид , во рамки на летниот камп во организација на Социјалдемократската младина на Македонија.
„Со нашата креативност, мудрост и знаење заедно ќе одржиме лекција дека Македонија може да биде едно среќно и поперспективно место за живот за сите граѓани, а посебно за младите. Животот е нашето мото, им го ветивме на граѓаните и сега наша должност е тие да го почувствуваат и да го конзумираат од позитивен аспект секојдневно.“ порача Заев.
Заев, меѓу другото, на младите социјалдемократи им порача дека преку градење на сојузи и пријателства, со подадена рака секому, преку инклузивен процес на вклученост на сите, може да се понесе големата одговорност исправена пред СДСМ и СДММ во насока на градење на иднина која ќе значи економско подобрување на животот на граѓаните.

„Од први септември ќе ја стартуваме „Младинската гаранција“. Вкупно 500 милиони денари, или безмалку 9 милиони евра собрани од даноците на граѓаните односно буџетски пари ќе бидат наменети за оваа цел. Тоа во најголем дел се работни места за младите, финансирани од државата, а отворени од приватниот сектор. Тоа исто значи доедукација, да го продолжат своето образование во делот на магистратурите или докторатите, или да одберат тренинг и пракса за да можат да најдат постабилна, потрајна и подобро платена работа после завршувањето на високото образование“, истакна Заев.
Заев, исто така, најави дека напорите на Владата ќе бидат во насока и на изнаоѓање на дополнителни средства од европски грантови и европски кредити со цел да се спречи миграцијата и да се создаде среќен амбиент помеѓу младите луѓе во Македонија и така да бидат директно вградени во општеството преку квалитетна и добро платена работа.







