Заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија ќе се одржи утре во домот на АРМ во Струмица, на која ќе се потпишаат неколку договори и меморандуми. Од Владата ја објавија агендата, но не и точките за кои ќе се расправа.
Од владата беше најавено дека двата кабинети ќе ги разгледаат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, поддршка во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Република Македонија, соработката во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.
Се очекува да се усвои и заедничка декларација како знак на одбележување на добрососедските односи меѓу двете земји.
Според агендата, предвидено е претставниците на двете влади да положат свежо цвеќе пред споменикот на Борис Трајковски, а бугарската владата ќе има и донација за општина Струмица.







