Припадници на полицијата денеска го обезбедуваат просторот во и околу црквата „Свети Спас“ на улицата „Самуилова“, пред утрешното чествување на Гоце Делчев.
„Самуилова“ е затворена од крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“ до улицата „Иљо Војвода“.
Пристапот до црквата „Свети Спас“ утре ќе биде дополнително ограничен. До црквата ќе можат да стасаат само акредитирани новинари и лица што ќе имаат посебни дозволи.
Присуство најавија бугарски делегации бидејќи чествувањето ќе биде заедничко.
Министерството за внатрешни работи ќе спроведува засилена контрола на границата и нема да дозволи влез на лица, странски државјани, кои, според проценките, претставуваат ризик за државата.
На одбележувањето навивачката група „Комити“ повика да се одбрани Гоце Делчев.
Европратеникот Ангел Џамбаски, кој го негира постоењето на македонскиот народ, исто така најави дека ќе дојде на гробот во „Свети Спас“.
(Извор: „Макфакс“)







