Музејот посветен на историјата на гулаг, кој се наоѓа во рускиот град Јошкар-Оли, властите одлучија да го затворат повикувајќи се на запуштената состојба на зградата, информираше директорот на музејот, Николај Аракчеев.
„Повеќе немаме пристап до музејот. Вчера се направи обид да се заштитат изложените предмети, веројатно на барање на градската управа“, изјави Аракчеев.
Никој, меѓутоа, не дава официјална изјава од локалното министерство за култура.
„Зградата не е обновена уште од 1835 година. Објектот претставува опасност за посетителите“, изјавил неименуван извор од тоа министерство, пренесуваат руските медиуми.
Директорот на музејот смета дека само на покривот му е неопходна поправка.
Аракчеев, некогашно воено лице и татко на осум деца, повеќе години работел во невладината организација „Меморијал“, специјализирана за човекови права и репресија направена во советско време.
После распадот на СССР се занимавал со потрага по остатоците од жртвите на сталинистичката репресија во локалните ѓуми каде што се стрелани стотици луѓе. Аракчеев смета дека неговите активности им пречат на властите.
„Сакаат да го уништат музејот кој е извор на историските вистини и слободи“, оцени Аракчеев.
Тој наведува дека музејот се наоѓа во резиденцијата на еден од најбогатите руски трговци од 19 век, Василиј Булигин, која подоцна стана седиште на локалната советска тајна полиција одговорна за чистките во времето на Сталин.
„Жртвите од репресијата тука се мачени и стрелани. Ѕидовите на музејот се натопени со крв. Посетителите излегуваат згрозени“, изјави Аракчеев.







