Активисти во Истанбул маршираа вчера против дискриминација на трансродовите луѓе и покрај тоа што властите ја забранија поворката на „Парадата на гордоста“, поради стравувањата дека таа претставува закана за семејните вредности.
Полицијата ги спречи учесниците на парадата да протестираат на централниот градски плоштад „Таксим“ со поставување големи блокади на патот.
Прекинати беа и врските на подземната железница кои можеа да ги доведат демонстрантите на плоштадот.
Според активистичкото здружение „Каос ГЛ“, полицијата организирала „напади“ врз учесниците на демонстрациите.
Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, во петокот на Твитер објави дека нема да дозволи никакви настани „кои ја загрозуваат институцијата – семејство“.
И другите турски градови, исто така, ги забранија маршевите и настаните поврзани со „Месецот на гордоста“, кој ширум светот се одржува во јуни и служи за подобрување на видливоста на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците, транс лицата и целата ЛГБТ заедница.
Турските власти вакви настани забранија и во претходните години. Владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган постојано изразува силни анти-ЛГБТ чувства.
(Архивска фотографија / АФП)







