„Земјотресите кои го погодија синоќа Мавровскиот регион предизвикаа заматување на водата, поради што препорачуваме да не се користи за пиење“, објави Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“ на Фејсбук.
Градоначалникот на општината Маврово и Ростуше, Медат Куртоски во изјава за МИА информира дека се во постојат контакт со МВР, ЦУК и останатите надлежни институции со цел соодветна реакција по вчерашните земјотреси во регионот.
По првичните проверки на последиците од земјотресите, нагласи Куртовски, забележано е заматување на водата во мавровскиот водовод, додека засега не е забележана друга материјална штета.
Земјотресите предизвикаа вознемиреност кај населението во Маврово при што мал ден останале неколку часа во своите автомобили или на отворено.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет соопшти дека нејзината телеметриската сеизмолошка мрежа синоќа регистрирала три потреси, во 20.40, во 22.17 и девет минути подоцна, во 22.29 часот, чиј епецентар бил на околу 65 километри југозападно од Скопје
Најсилен бил оној во 22.17 часот, со интензитет од 4,6 степени според Рихтеровата скала.
Земјотресите најсилно се почувствувани од населението во Маврово, Дебар, Гостивар, Тетово и Кичево.
Според Европско-медитеранскиот сезимолошки центар, земјотресите биле на длабочина од 10 километри под површината на земјата.







