Жителите на градот Теј во областа Ардеш денеска беа во шок, гледајќи го пустошот што остана зад земјотресот со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала кој вчера го погоди ова место со 8.500 жители во јужна Франција, во близина на градот Монтелимар.
Срушени се триесетина куќи, а уште 250 се многу уништени и за нив постои опасност дека ќе „паднат“ секој момент. Околу триста луѓе ноќта ја поминаа во спортската сала во локалното училиште.
Во придружба на пожарникари денес дел од присилно иселените можеа да им се доближат на своите куќи кои вчера ги напуштија на брзина и во паника.
За среќа, нема жртви. Повредени се четири лица, од кои едно е потешко. Во населбата Рувијер оштетени се речиси сите куќи. Падна покривот од тамошната црква, ѕвоната се откачиле, улиците се полни со смет, а камената ограда на мостот во центарот на градот се сруши во реката.
„Траеше пет-шест секунди, се се тресеше околу мене, мебелот, ѕидовите, како во близина да се урна авион или како да одекна многу силна експлозија“, ги пренесе впечатоците еден од жителите на ова место кое претрпе огромна штета, пренесуваат француските медиуми.
Во непосредна близина на епицентарот се наоѓаат дури две нуклеарни електрани. Властите уверуваат дека нема причини за загриженост.
Централата во Трикастан, на триесетина километри од Монтелимар денес работеше нормално, но таа што е поблиску, во Кријас, на петнаесетина километри од Теј, е затворена заради, како што се истакнува, претпазливост.
Иако на неа нема видливи оштетувања, штом се огласија алармите, процедурата бара детална проверка.
Земјотресот се почувствува се до Сент Етјен, Гренобл и Лион.