Руската државна телевизија вчера жестоко го нападна Евгениј Пригожин, водачот на платениците во егзил, кој минатиот месец почна вооружен бунт, и објави дека истрагата за тоа што се случи сè уште енергично се води.
Пригожин, основач на платеничката група „Вагнер“, ја презеде контролата врз јужниот руски град Ростов на Дон на 24 јуни, го зазеде тамошниот команден центар од каде Русија ја координира својата војна во Украина и испрати колона борци да ја освои и Москва, пред да се откаже откако склучи договор со Кремљ.
Неговиот бунт претставуваше најголема закана за претседателот Владимир Путин откако рускиот лидер дојде на власт пред повеќе од две децении.
Според договорот со кој заврши бунтот, Пригожин, чија цел беше да ги смени министерот за одбрана и началникот на Генералштабот поради, како што рече, нивната неспособност за водење на војната, требаше да се пресели во соседна Белорусија.
Во замена за тоа, кривичната пријава против него требало да биде отфрлена.
Но, во емисијата наречена „60 минути“, емитувана вчера навечер на државниот ТВ канал Русија-1, прикажано е она што беше најавено како ексклузивна снимка направена за време на упадот на полициските сили во канцеларијата на Пригожин во Санкт Петербург и еден од неговите имоти во тој град.
Водителот на програмата, Евгениј Попов, го нарече Пригожин „предавник“, а видеото го претстави специјално поканет гостин, новинарот Едуард Петров, како доказ за криминалното минато на Пригожин и лицемерието во прозивките за корупција во вооружените сили.

На снимката се прикажани кутии полни со пари во неговата канцеларија и купови долари во неговата луксузна резиденција, заедно со неговиот личен хеликоптер, складиште со оружје, збирка на перики, комплетно опремена просторија за медицински третмани…
„Никој не планираше да го затвори овој случај. Истрагата е во тек“, рече Петров, кој посочи дека истражителите заклучиле дека видеото што го користел Пригожин како изговор за започнување на бунтот, на кое се гледа наводен руски напад врз логор на платеници, е лажно.
Прикажани се слики од вооружени руски агенти за спроведување на законот кои влегуваат во канцеларијата на Пригожин.
„Верувам дека создавањето на имиџот на Евгениј Пригожин како народен херој го направија медиумите ‘хранети’ од него. А, откако не успеа, брзо се затворија и избегаа“, рече Петров, мислејќи на медиумите финансирани од Пригожин.
Рече и дека во станот и во канцелариите на Пригожин биле пронајдени пари во вредност од 600 милиони рубли (6,58 милиони долари).
Пригожин своевремено изјави дека „Вагнер“ работи само со готовина, која ја користел за да ги плаќа трошоците.
Путин, пак, истакна дека државата ја финансира единицата „Вагнер“.
Во емисијата беа прикажани повеќе пасоши што ги користел Пригожин, а кои носат различни имиња.
„Не може нормален човек да има толку пасоши“, рече Петров.
„Зошто оваа личност имаше толку чудни овластувања како сериозен водач на некаква криминална група“, праша тој.
„Мораме да откриеме кој на чија страна бил (во бунтот). Мораме да ги казниме и да ги процесуираме“.
Руските медиуми сега пишуваат дека Владимир Путин го понижи шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин по неговото неуспешно востание во Русија, испраќајќи безбедносни служби да извршат рација во неговата палата во Санкт Петербург.
Весникот „Известија“ што го поддржува Кремљ вчера објави фотографии и видео од вооружени офицери кои ја претресуваат куѓата на Пригожин. Инспекторите, наведуваат во текстот, откриле огромни складишта на оружје и муниција, златни прачки, плишан алигатор и врамена фотографија која наводно ги прикажува отсечените глави на непријателите на прогонетиот воен водач.
Сликите од рацијата, исто така, вклучуваат голем плакар кој содржи многу различни перики со различни стилови и бои, од сива до кафеава.
Фотографии кои покажуваат дека Пригожин носи перики како дел од разни маски, протекоа на руските канали на Телеграм, поддржани од државата.
„Квалитетот на некои маскирања е смешен, што доведува до шпекулации дека тие се индоктринирани во обид дополнително да го дискредитираат шефот на ‘Вагнер’“, искоментираа некои странски медиуми кои очигледно се на страната на Пригожин.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска тврдеше дека Пригожин се вратил во Санкт Петербург. Сепак, локацијата на шефот „Вагнер останува сеуште тајна, таа не е официјално позната.
„Што се однесува до Пригожин, тој е во Санкт Петербург… Тој не е во Белорусија“, изјави белосрускиот лидер за новинарите од странските медиуми.
Зборувајќи во претседателската палата во Минск, Лукашенко рече дека „сигурно“ знаел дека Пригожин е слободен човек, додавајќи: „Вчера разговарав со него по телефон“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече: „Не ги следиме неговите движења“, како одговор на тврдењето на Лукашенко дека Пригожин се вратил во Санкт Петербург.
Лукашенко истакна дека „не е загрижен“ за приемот на војниците на „Вагнер“ во неговата земја и посочи дека тие наместо тоа би можеле да бидат предност.
„Не мислам дека Вагнер ќе се крене и ќе го сврти оружјето против белоруската држава. Ако треба да ги активираме овие единици, веднаш ќе ги активираме и нивното искуство ќе биде многу ценето“, рече тој.
Додека точната локација на Пригожин останува непозната, сликите на кои се прикажани руски офицери како шетаат низ куќата на шефот на Вагнер сугерираат дека тој останува персона нон-грата во Русија по неговиот обид за државен удар.







