Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија, Федерика Могерини, попладневно имаше средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Од кабинетот на претседателот велат дека на средбата биле разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и за процесот на европска интеграција, како и за клучните предизвици со кои се соочува регионот.
Претседателот Иванов истакнал дека и понатаму ќе ги поддржува европските и евроатланските интеграции на Република Македонија кои се од огромно значење за просперитетот на државата, но истовремено порача дека стратешките цели не смеат да се злоупотребуваат на сметка на националните интереси и интересите на македонскиот народ.
„Мојот став е непроменет. Стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата. Ho, ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат“, порача претседателот Иванов на средбата со Могерини.







