Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска ќе има средба со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер, а ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус“ на тема „Македонија, миграциите и безбедноста, „научени лекции“.
Иванов вчеравечер во Лондон се сретнал со преставници на македонската дијаспора. На средбата претседателот Иванов се запозна со тековните активности и учеството на преставниците на македонската дијаспора во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во Велика Британија.
Македонскиот претседател повика на сплотеност и единство на претставниците на македонската дијаспора и на нивна натамошна активна вклученост и придонес во развивањето и унапредувањето на односите и соработката меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Претставниците на македонската дијаспора заблагодарувајќи се за можноста за средбата со претседателот Иванов, ја истакнаа потребата од нова стратегија и реформи во образовниот систем, со цел младите да останат во Република Македонија.







