Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, неопходно е да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов, денеска на средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на средбата станало збор за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.
Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, се додава, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.
„Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството“, рече претседателот Иванов.







