Шеснаесет илјади земјоделци и по една година не добиле обесштетување за штетите од мразот што лани во април им го изеде родот. Нема проценка за колку пари се работи, но штетата во просек е околу 50 проценти иако на некои места уништувањето било стопроцентно.
„Никој не може финансиски да процени колкава е штетата. Комисиите поминаа, проценета е штетата и сега земјоделците очекуваат како тоа ќе биде изразено во пари, како ќе биде пресметано“, вели Ефтим Шаклев претседател на Асоцијација на земјоделци.
Министерот за земјоделство на денешната средба во Штип најави дека процедурата за исплата е во завршна фаза. Станувало збор за обемна постапка, а земјоделците ќе ги добијат парите.
„Владата во вторник ќе го утврди процентот на штети и веднаш после тоа ќе биде реализирана исплатата. Средствата за исплата стојат во платежната агенција и ние целата постапка ќе ја забрзаме“, изјави Љупчо Николовски Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Здруженијата на земјоделци побараа и итна средба за решавање на проблемот со ниската откупна цена на јагнето. Со отстранување на злоупотребите и навремена исплата на субвенциите ќе се оживува сточарството во земјата. Пари за дополнително модернизирање и зголемување на конкурентноста ќе се обезбедуваат и преку ИПАРД програмата.
„Оваа година сме цврсто насочени кон зголемена искористеност на средствата од ИПАРД фондовите и тоа сметам дека ќе бидат едни од најуспешните политики на Владата, се со цел модернизација на вкупното земјоделско производство“, изјави Николовски.
Во понеделник во собраниска процедура влегуваат и измените на законот за т.н Зелена нафта за земјоделците, што се очекува да ги намали трошоците на производство.







