Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фесер, сака оние кои на Интернет поддржуваат терористички напади или терористички групи полесно да бидат протерани од Германија, пренесуваат денеска германските медиуми.
„Кој нема германско државјанство и велича терористички напади мора да биде протеран секаде каде што тоа е можно“, рече министерката Ненси Фезер во интервју за медиумската куќа „Функе“.
„Во иднина, дури и ‘лајк’ или коментар кој велича или поддржува терористички напади ќе биде причина за депортирање“, рече Фезер пред состанокот на владата на кој треба да биде прифатена промената на законот за странци која се однесува на коментари на Интернет.
Како што е соопштено, германското Министерство за внатрешни работи со ова сака да реагира на позитивните реакции на поединци на Интернет по масакрот на Хамас на 7 октомври или по убиството на полицаецот пред неколку недели во Манхајм, што има исламистички мотив.
„Со глорифицирање на терористичките напади се создава клима на насилство која што може да ги поттикне и охрабри потенцијалните сторители да извршат нови напади“, се вели во соопштението на министерството.
Поради ова, како што се наведува, „безбедносните интереси на Германија преовладуваат над индивидуалните интереси на поединци поврзано со нивниот престој во Германија“.
Во иднина, ваквото однесување ќе биде доволна причина за протерување. Досега депортацијата беше можна само за осудени криминалци.







