Популарноста на американскиот претседател, Џо Бајден, е во благ пад откако во јавноста излегоа информациите за тајните документи пронајдени во неговите канцеларии, а неговиот претходник, Доналд Трамп, малку ја зголемува предноста пред потенцијалниот републикански предизвикувач.
Иако Бајден веќе подолго време го поддржуваат помалку од половина од американските граѓани, актуелниот претседател пред две недели го постигна својот најдобар резултат од 2021 година – анкетите му дадоа поддршка од околу 48 проценти.
Тоа беше поттикнато од резултатите од меѓуизборите за Конгресот и расправијата меѓу републиканците за идеалниот противник на Бајден на следните претседателски избори.
Поранешниот претседател Трамп е во центарот на вниманието на медиумите поради истрагите што се покренати против него, вклучително и откривањето на стотици доверливи документи во неговото одморалиште Мар-а-Лаго на Флорида, кои ги понел со себе откако ја напушти Белата куќа.
Фокусот на Трамп помогна еден дел од американската јавност да се сети зошто воопшто гласаа за Бајден, но како што во медиумите излезе информацијата дека и кај Бајден се пронајдени тајни документи од времето кога тој беше потпретседател на Барак Обама, Трамп падна во втор план, а многу неопределени гласачи го доведоа во прашање и интегритетот на Бајден.
Аналитичарите посочуваат дека двата случаи не се споредливи ниту по обемот на документите, ниту по начинот на кој се решени.
Додека помошниците на Бајден веднаш го известиле Националниот архив за откривањето на документите, а потоа ги предале, Трамп и неговите адвокати прво одбиле да ги вратат документите за кои се знаело дека ги поседува, потоа тврделе дека ги вратиле сите и на крајот дека ги пребарале сите канцеларии и не нашле повеќе ништо.
ФБИ, меѓутоа, потоа при претрес пронајде уште неколку кутии со доверливи документи во одморалиштето на Трамп.
Откако до медиумите стигнаа информации дека се пронајдени тајни документи и кај поранешниот потпретседател на Трамп, Мајк Пенс, се отвори поширока дискусија за надзорот и чувањето на доверливите документи, но Бајден сепак претрпе удар во анкетите.
Според најновата анкета на Си-Ен-Ен, Бајден сега ужива поддршка од околу 46 отсто меѓу регистрираните гласачи, а според претходната анкета направена од Правниот факултет на Универзитетот „Маркуети“, неговата поддршка паднала од 47 отсто на 44 отсто.
Си-Ен-Ен истакнува дека не е голем пад, но сепак е значителен. Прашање е колку самото откривање на документите влијаело на тој пад – истовремено поскапеа и горивата на американските бензински пумпи, на што американските гласачи се исклучително чувствителни.
Трамп, од друга страна, почна да ја враќа својата предност во однос на гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, кого многу десничари после меѓуизборите го прогласија за нова ѕвезда на Конзервативната партија.
Трамп пред тие избори водеше со дури 30 поени пред Де Сантис меѓу републиканците, но откако резултатите на нивната партија сериозно потфрлија, освен во Флорида кај Де Сантис, предноста на Трамп се намали на само десет поени.
Најновите анкети покажуваат дека оваа предност повторно почнала да расте, и дека сега е околу дваесет процентни поени во корист на Трамп, што значи дека поранешниот претседател во моментов е најверојатниот победник на прелиминарните избори за републикански претседателски кандидат.
Анкетата која ја спроведе колеџот „Емерсон“ покажува дека Трамп би го избрале 55 отсто од републиканците, а околу 29 отсто би го избрале Де Сантис.
„Харвард Капс“, пак, му дава нешто помала предност, од 19 и 20 поени.
Но, „Маркуети“ открива дека Де Сантис би имал многу подобри шанси против Бајден доколку двајцата се соочат на претседателските избори.
Дури 45 отсто од регистрираните гласачи би избрале републиканец од Флорида, а само 38 отсто од нив би го избрале актуелниот претседател. Ако, пак, на претседателските избори повторно се судрат Бајден и Трамп, резултатот би бил многу понеизвесен – и двајцата би биле избрани од околу 40 отсто од гласачите во овој момент.
Де Сантис е и маргинално попопуларен меѓу републиканските гласачи и независните гласачи кои се благо наклонети кон републиканците – 71 отсто од тие гласачи имаат добро мислење за него, додека 70 отсто имаат позитивно мислење за Трамп.
Сепак, значително помалку преостанати гласачи од таа група имаат лошо мислење за Де Сантис – само 10 отсто, додека дури 28 отсто имаат неповолно мислење за Трамп.
Кога станува збор за поранешниот претседател, ретко кој има неутрално мислење, дури и во сопствената партија.







