Во Венеција повторно е она време од годината кога градот ги собира луѓето од светот на најпознатиот годишен карневал во Европа.
Карневалската сезона технички започна на 27 јануари, со спектакуларен огномет и со низа фестивалски точки, а почетокот официјално се одбележува со традиционалниот „лет на ангелот“ што датира од 15 век, настан на кој годинава имало повеќе од 20.000 луѓе со шарени маски и екстравагантни костими.
Годинешното мото гласи „Creatum: Civitas Ludens“’ што во превод би значело „Креативност: игри со маски“.
Луѓето во толпата ја набљудувале 19-годишната студентка Елиса Костантини, како прикачена за сајла виси и се лизга од црквената кула висока 99 метри. Таа расфрлала конфети врз насобраните луѓе.
Сето тоа било проследено со снимка од „Аве Марија“ од Франц Шуберт во изведба на Павароти и неодамна починатата Кранбериеса Долорес О’Риордан. Костантини била облечена во фустан со црна, бела и црвена боја, додека нејзините крилја со бела, сина и црвена боја симболизирале мир.
Венеција за време на фестивалот, кој ќе трае до 13 февруари, ќе биде како и секоја година град на маски. Годинава се очекуваат околу три милиони посетители.
Светски познатиот карневал во Венеција вклучува раскошни балови под маски (за кои влезниците не се баш евтини, понекогаш чинат стотици евра), концерти, парада на гондоли, голтачи на оган и други случувања и изведби низ целиот град. Секоја година, од страна на меѓународно жири, се доделува награда за најубава маска.
Карневалот почнал да се одржува по воена победа, во 17 и во 18 век станува доста познат, но во 1797 година е забранет, како и носењето маски. Традицијата е обновена во 1979 година.
Изработувачите на маски (маскарери) уживале посебно место во општеството, со свои сопствени закони и посебни сметки. Во 1797 година Венеција станала дел од Австриското Кралство на Ломбардија-Венеција, кога Наполеон го потпишал Договорот од Кампо Формио.
Австријците ја преземале контролата врз градот на 18 јануари 1798, тој почнал да опаѓа, со што карневалските прослави биле прекинати многу години. Така било сè до 70-тите години на минатиот век, кога беше отворена модерна продавница за маски и со тоа започна враќањето на старите традиции.







