Севернокорејскиот лидер, после лансирањето на новиот вид на интерконтинентална балистичка ракета „хвасонг-15“, соопшти дека Северна Кореја „конечно ја оствари големата историска цел на потполнување на својата нуклеарна сила, заради што и ја градела ракетната моќ“.
Во соопштението што го прочитала севернокорејската телевизиска водителка се наведува дека Северна Кореја „успешно ја тестирала новата интерконинентална ракета која паднала во морето во близина на Јапонија и целокупното американско копно го ставила во досег на своето нуклеарно оружје“, пренесува денеска Ројтерс.
Северна Кореја себе си се опиша како „одговорна нуклеарна сила“, соопштувајќи дека своето стратешко оружје го развила за да се одбрани од „политиката на нуклеарна уцена и нуклеарна закана од американските империјалисти“.
Новата ракета „хвасонг-15“, наречена по планетата Марс, е напредна верзија на интерконтинентална балистичка ракета која два пати беше тестирана во јули годинава, наведуваат од Северна Кореја, а таа ракета е дизајнирана со цел да понесе „супер тешка боева глава“ и има многу повеќе предности во своите тактички и технолошки карактеристики во споредба со претходно направените ракети.
Најновото ракетно тетсирање Пјонгјанг го изведе вчера, прв пат од половината на септември, а една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп таа земја ја стави на американската листа на земји за кои САД тврдат дека го поддржуваат тероризмот, што на Вашингтон му овозможува воведување на дополнителни санкции.
Северна Кореја, која во септември ја изведе својата шеста и најголема нуклеарна проба, истрела десетици балистички ракети во мандатот на Ким Јонг-Ун, пркосејќи им на меѓународните санкции, а во најновото тестирање истрела ракета која досега најдолго леташе.
Пјонгјанг наведува дека новата ракета достигнала висина од околу 4.475 километри, што е 10 пати повеќе во споредба со висината на која се наоѓа Меѓународната свемирска станица, и дека прелетала 950 километри за 53 минути.
Многу нуклеарни експерти наведуваат, меѓутоа, дека Северна Кореја треба да покаже дека завладеала со техничките препреки, вклучувајќи ја способноста на истрелување на тешки боеви глави на врвот на ракетите, но дека наскоро и тоа ќе го направи.
„Тоа не мора да ни се допаѓа, но ќе мораме да научиме да живееме со способноста на Северна Кореја“, предупреди Џефри Луси, директор на програмата за неширење на нуклеарно оружје во источна Азија на Институтот за стратешки студии во Мидлбери.
Врз основа на тграекторијата и одалеченоста, новата ракета веројатно има дострел поголем од 13.000 километри, повеќе од доволно за да стигне до Вашингтон и останатите делови на САД, соопшти Советот на научници со седиште во САД, со напомена дека е нејасно колкаво полнење носела ракетата и дали таа може да носи голема боева глава и колку далеку.
Во меѓувреме, американски, јапонски и јужнокорејски официјални лица се сложија со констатацијата дека ракетата, која слетала во таканаречената ексклузивна економска зона на Јапонија, е интерконтинентална балистичка ракета, додека Пентагон соопшти дека пробата не претставувала закана за САД, на нивната територија, ниту на сојузниците.
Во врска со настанот Трамп разговараше по телефон со јапонскиот премиер Шинзо Абео и со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин. Сите тројца лидери ја потврдија својата посветеност на борбата против севернокорејската закана, при што Трамп истакнал дека „тоа е ситуација која може да се реши“.
Истовремено, Советот за безбедност при Обединетите нации закажа за денеска итна седница посветена на најновата ракетна проба на Северна Кореја, која генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш силно ја осуди како „јасно кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и непочитување на заедничкиот став на меѓународната заедница“.







