Кина сака да направи иницијална економска спогодба со Соединетите Американски Држави и се обидува да ја одбегне трговската војна, но не се плаши да возврати ако е потребно , изјави денеска кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Сакаме да работиме на првата фаза на спогодбата, направена врз основа на меѓународното почитување и еднаквост“, рече Си пред учесниците на меѓународниот економски форум во Пекинг, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека Кина, ако е неопходно, ќе возврати, но дека активно се обидува да ја избегне трговската војна.
„Ние не ја почнавме оваа трговска војна и тоа не е нешто што ние го сакаме. Не ја почнавме, но не се плашиме“, рече Си.
Американскиот Вол стрит Журнал објави вчера дека Кина ја повика Америка на нова рунда преговори во Пекинг, како и тоа дека Кина се надева дека тие ќе се одржат пред Денот на благодарноста што е следниот четврток.
Претставниците на САД велат дека до тој состанок може да дојде, но не кажуваат кога.
Економистите предупредуваат дека продолжениот спор меѓу двете најголеми економии може да ја загрози светската економија, така што би довел до прекин на снабдувањето и сузбивање на инвестициите.







