Кинеската државна комисија за здравство денеска соопшти дека се потврдени 440 нови случаи на инфекција со корона вирус, во 13 кинески провинции.
Потврдени се и девет смртни случаи и има докази за тоа дека вирусот се пренесува со дишење од пациент на пациент.
Претходно беше објавено дека, заклучно со вчера, хоспитализирани биле повеќе од 300 лица.
Епидемијата се шири во градовите Пекинг и Шангај, а заболени има и во Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија, Тајван, Макао и САД.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска ќе одржи итен состанок по повод новиот корона вирус.
„Веќе е регистрирано пренесување на вирусот и инфекцијата од човек на човек. Докажано е дека болеста се пренесува преку респираторниот тракт и оти вирусот мутира“, изјави директорот на Националната здравствена комисија Ли Бин.
Сите деветмина од починатите пациенти се од покраината Хубеи, која е најпогодена. Властите ги повикуваат граѓаните да избегнуваат јавни собири.
Стравот од епидемија се шири бидејќи милиони Кинези оваа недела ќе патуваат во своите домови за да ја прослават кинеската Нова година в сабота.
Новиот вирус е од групата вируси што предизвикуваат САРС, болест од која во 2002 и 2003 година починаа 800 луѓе во целиот свет и која исто така потекна од Кина.









