Кинескиот фудбалер Ву Леи минатиот викенд дебитираше за Еспањол во натпреварот против Виљареал (2:2). Средбата се одигра со почеток во 12 часот.
Се „шушка“ дека таков термин е одреден заради прилагодување на азискиот пазар, а ако тоа е така, тоа бил вистински потег, затоа што во Кина над 40 милиони луѓе чекале да го проследат дебито на својот миленик во една од најсилните лиги во светот.
Ву Леи играше само 12 минути, но тоа не ја намали „фудбалската хистерија“ во неговата татковина. Бројот на пребарување на интернет после натпреварот ја преминува бројката од 350 милиони.
Најдобриот стрелец во историјата на кинеската лига е донесен како еден од играчите кои би требало да и обезбедат опстанок на каталонската екипа во првенството.
Меѓутоа, шпанските медиуми тврдат дека тој ќе мора да работи на физичката подготвеност за да го издржи темпото што го наметнува Примера.







