Администрацијата на американскиот претседател, Џо Бајден, одобри помош во оружје и опрема за Тајван во рамките на Програмата за финансирање на странски воени сили, која вообичаено се користи за суверени држави, се вели во известувањето испратено до Конгресот.
Известувањето ги информира конгресните комисии за намерата на Стејт департментот да одвои до 80 милиони долари за поддршка на Тајван.
Министерството за одбрана на Тајван изрази благодарност, но рече дека нема коментар за деталите за помошта, истакнувајќи дека Соединетите Американски Држави веќе помогнале во зајакнувањето на борбените способности на островот според постоечките политики и закони.
Републиканскиот пратеник Мајкл МекКол, претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, рече дека е задоволен што администрацијата „конечно“ ќе му даде воена помош на Тајван.
„Ова оружје не само што ќе му помогне на Тајван и ќе ги заштити другите демократии во регионот, туку и ќе ја зајакне американската позиција на одвраќање и ќе ја осигура нашата национална безбедност против сè поагресивната Кинеска комунистичка партија“, рече Мекол во изјавата.
Претставник на Стејт департментот го потврди известувањето до Конгресот и рече дека одлуката да се обезбеди помош на Тајван не одразува никаква промена во американската политика.
Кина повеќе пати се пожали до Америка поради воената помош за Тајван, а нејзиното Министерство за одбрана рече дека американската војска мора да ги прекине сите облици на „воен дослух“ со Тајван.
Америка, главниот снабдувач на оружје на Тајван, минатиот месец најави пакет помош во оружје во вредност од 345 милиони долари.







