Казна затвор од три години за примање награда од 1,5 милиони евра доби третоосомничениеот во предметот „Рекет“ Зоран Милевски – Кичеец, кој вчера на почетокот на главната расправа за судењето го призна делото за разлика од прво и
второосомничените, Бојан Јованосвки – Боки 13 и поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, кои се изјаснија дека не чувствуваат вина.
Кичеец останува во притвор до заминување во затвор, а за Обвинителството висината на казната е очекувана.
Претседателката на судечкиот совет Васка Николовска-Масевска на објавувањето на пресудата образложи дека Кичеец е виновен затоа што во период од ноември 2018 до април 2019 со обвинетиот Боки 13 со искористување на своето влијание врз обвинетата Јанева, јавен обвинител на СЈО, преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши во врска со водење на кривичната постапка која ја водело Специјалното обвинителство по наредба на Јанева за спроведување на истражна постапка против Јордан Камчев во предметот Империја, односно да ја олесни неговата положба во постапката со предлог да му се укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор при постоење на исти, неизменети околности.
„Врз основа на нив по нејзин предлог притворот бил определен и продолжен и во продолжение на постапката да му даде својство на заштитен сведок со намера да ја запре истражната постапка и да склучи со него предлог спогодба за вина за полесно кривично дело, да плати незначителен износ штета, да му се укине мерката на претпазливост и привременото одзрмање на пасош, а во што битно придонел обвинетиот Зоран Милеваки Кичеец со договарање континуирани средби и
воспоставување меѓусебен контакт на обвинетиот Боки 13 со сведоците Ана и Јордан Камчеви, на кои средби ги уверил во влијанието на Боки 13 врз обвинетата специјална јавна обвинителка Јанева, а за посредувањето е примена награда пд вкупен износ од еден милион и петстотини илјади евра и тоа од Ана Камчева 500 илјади евра, а од Јордан Камчев еден милион евра, рече Николовска Масевска.
Според Судот, Милевски сторил кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ според член 359, став 3 во врска со став 2, во врска со член 22 од КЗ, го осудува на казна затвор во трање од три години, во која што казна се засметува и времето кое го поминал во притвор од 15 јули 2019 година.
Судечкиот совет истакна дека го ценел фактот што обвинетиот досега не бил осудуван, дека е татко на пет деца и особено тоа што го признал делото и придонел за ефикасно завршување на процесот што се води против него.
Судот го задолжи обвинетиот да плати на име судски паушал износ од 2.000 денари, да ги надомести трошоците на постапката во износ од 5.789 денари, како трошоци за спроведување на обвинетиот. Од обвинетиот се одземаат повеќе мобилени телефони марка „Ајфон“, машки рачен часовник „Ролекс“, таблети марка „хуавеи“ и „епл“, надворешен хард диск и неколку лаптопи.
ИЗВОР: МИА







