Јужна Европа, западниот дел на САД и Кина оваа недела се цел на опасни топлотни бранови.Три симултани топлотни бранови во исто време во различни делови на светот е феномен каков што не се памети.
Во Долината на смртта, Калифорнија, загрозен беше еден рекорд кој е поставен пред 110 години.
Имено, во 1913 година била измерена температура од 56,7 степени, а на пример, овој викенд живата достигнала 54 степени.
Меѓутоа, рекордот беше соборен 10.500 километри понатаму. Во Кина во неделата се забележани 52,2 степени, што е за два степени повеќе од претходниот рекорд.
Она што е зачудувачки за Кина е фактот дека пред само шест месеци, во градот Мохе, била забележана најниската температура во таа земја досега, -53 степени.
Во превод, Кина оваа година забележа неверојатен температурен опсег од „само“ 100 степени.
Што се однесува до Европа, и тука рекордите се загрозени.
Светската метеоролошка организација како температурен максимум за континентална Европа го истакнува оној од 48,8 степени Целзиусови измерени на Сицилија, на 11 август 2021 година.
Шпанската метеоролошка служба вчера забележа 47,1 Целзиусови степени во градот Виљаробледо, а на делови од Сардинија денеска или утре може да има температура од 46 степени.
Промени во туристичките навики
Високите летни температури низ јужна Европа би можеле да поттикнат трајна промена во навиките за патување, при што повеќе патници избираат поладни дестинации или заминуваат на одмор во пролет или есен за да избегнат екстремни горештини, пишува британската новинска агенција Ројтерс.
Податоците на Европската комисија за патувања покажуваат дека бројот на луѓе кои размислуваат за патување во медитеранскиот регион меѓу јуни и ноември веќе е намален за 10 отсто во споредба со минатата година, кога горештините доведоа до суши и шумски пожари.
Дестинации како Чешка, Данска, Ирска и Бугарија во меѓувреме забележаа нагло зголемување на интересот.
„Непредвидливите временски услови во иднина ќе имаат поголемо влијание врз изборот на патниците во Европа“, рече Мигел Санз, шеф на Комисијата.
Извештајот на тоа тело, исто така, покажува дека 7,6 отсто од патниците сега гледаат на екстремните временски услови како голем фактор во патувањето помеѓу јуни и ноември.
Меѓу нив се Анита Елшој и нејзиниот сопруг, кои се вратија дома во Норвешка од нивното омилено место за одмор Вазанела, село северно од Рим, една недела порано од планираното, бидејќи температурите достигнаа околу 35 степени во последните денови.
„Имав лоша главоболка, нозете и прстите ми беа отечени и често добивав вртоглавица“, рече Елшој за нејзините симптоми поврзани со топлината.
„Требаше да бидеме таму две недели, но не можевме (да останеме) поради жештините“.
Сè уште без откажувања
Побарувачката за патувања повторно се зголеми ова лето бидејќи туристите зад себе оставија години со ограничувања заради пандемијата, а туристичките компании велат дека топлината сè уште не предизвикува многу откажувања.
„Особено Британците резервираа помалку одмори дома и повеќе на Медитеранот, често многу месеци однапред, бидејќи сè уште копнеат за бегство на плажа после локдаунот“, вели Шон Типтон од групацијата на британски туристички агенции АБТА.
Но, таа рамнотежа може да се смени затоа што топлотните бранови ќе станат се полоши.
Научниците долго време предупредуваат дека климатските промени, предизвикани од емисиите на јагленороден диоксид (CO2) од согорувањето на фосилните горива, ќе ги направат временските непогоди почести, посериозни и посмртоносни.
Метеоролозите предвидуваат дека температурите во наредната недела би можеле да го надминат моментниот европски рекорд од 48,8 степени Целзиусови, измерени на Сицилија пред две години, што ги зголемува стравувањата од повторување минатогодишните смртни случаи предизвикани од жештината.
Приказните за туристите кои со хеликоптер беа префрлени од италијанските плажи или со возила на брза помош во близина на атинскиот Акропол ги преплавија европските медиуми во последниве недели.
„Нашето неодамнешно истражување укажува на пад на бројот на луѓе заинтересирани за патување во август, месец на шпицот на сезоната, а се повеќе Европејци размислуваат за есенско патување“, рече Санц.
Туристи во Рим изјавија за Ројтерс дека двапати ќе размислат дали повторно ќе резервираат да патуваат таму во јули, бидејќи се бореле со тоа да испијат доволно вода, да останат разладени и да најдат климатизирани места за одмор.
„Би дошла пак кога ќе биде посвежо. Во април, или евентуално во јуни“, вели Далфна Нибур, американска туристка која е на одмор со својот сопруг во Рим оваа недела.
Жештините, рече таа, ја направиле нејзината посета „мизерна“.
Тоа е лоша вест за економијата на Италија, која е во подем поради големиот летен промет.
Италијанското Министерство за животна средина во овогодинешниот извештај предупреди дека странските туристи во иднина повеќе ќе патуваат на пролет и во есен и ќе избираат поладни дестинации.
Билансот ќе биде негативен и затоа што дел од италијанските туристи ќе придонесат за прелевање на меѓународниот туризам во помалку жешките земји, се наведува во извештајот.
Некои се надеваат дека промената ќе биде само временска прераспределба во одредена дестинација, а не намалување.
Во Грција, каде што меѓународните авионски пристигнувања се зголемија за 87,5 отсто во однос на минатата година помеѓу јануари и март, пренатрупаност ги погоди туристичките жаришта како што е островот Миконос.
„Зголемениот број патувања во зимските, пролетните и есенските месеци може да го ублажи тој проблем и да го надокнади потенцијалното забавување во текот на летото, истакнуваат од грчкото Министерство за животна средина.
Грчките власти го затворија древниот атински Акропол во најтоплиот дел од денот во петокот за да ги заштитат туристите, а потоа и неколку дена потоа.
Во Шпанија се очекува голема побарувачка за одмор во крајбрежните дестинации на северот на земјата и на шпанските острови, каде летните температури се обично пониски, се вели во извештајот на националната туристичка асоцијација „Ексцелтур“.
Шпанците Даниел Отеро и Ребека Васкез, кои беа во посета на Билбао, изјавија дека одморот би можеле да го поместат за во јуни следната година, кога ќе биде посвежо и попријатно.
За Елшој летата во јужна Европа можеби веќе се минато.
Анита вели дека наместо тоа ќе размисли за одмор во нејзината родна земја Норвешка, додавајќи: „Не сакам повторно да имам одмор со главоболка и вртоглавица“.
(Фото: „Дневни аваз“)







