Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите за финансии, Фатмир Бесими, за транспорт и врски, Благој Бочварски, и за земјоделство, Љупчо Николовски, заминаа во работна посета на Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.
Целта на посетата е директна комуникација со инвеститори и средби со претставници на инвестициски фондови за подобрување на економската активност на државата во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.
Ковачевски и министрите ќе ги претстават нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја и можностите за инвестиции.
На неколкуте билатерални средби, кои се продолжение на веќе остварена соработка, ќе се дискутира за можностите за искористување на развојните фондови што по поволни услови инвестираат во проекти во инфраструктурата, агро-бизнисот, туризмот и во енергетиката, со фокус на обновливи извори на енергија.
Владата, и покрај светската економско-енергетска криза и актуелните случувања во Украина и нивното влијание на глобално ниво, останува посветена на постигнување економски раст со стапки над 5 отсто во наредните години, засновани на растот на инвестициите и потрошувачката.







