„Тешко е да се носат разумни одлуки во време на неразумни провокации. Но нечие однесување говори за личноста која го применува. Ако го спуштиме нивото, ако подлегнеме на тие провокации, коишто ја имаат оваа цел – ние тогаш сме изгубиле. Сме дозволиле да победат профитерите, популистите, луѓето без вредности, морал и етика. Сме оставиле простор на македонските непријатели“, рече премиерот Димитар Ковачевски на годишната конференција „Година на нови можности“.
Спорот со Бугарија, вели, ќе се решавал во духот на европските можности, а националистичката и популистичката реторика, според него, е само на поединци.
Дома, пак, истакна, секој имал обврска да испорача резултати за тоа за што е платен.
„Пред нас е година којашто ќе ја тестира зрелоста на сите политички лидери и пратеници во македонското Собрание“ посочи Ковачевски и додаде дека сме мултиетничка граѓанска држава, успешна функционална мултиетничка демократија, пример во регионот и во Европа и со тоа што ќе додадеме некоја етничка заедница во Уставот, хрватска, црногорска, бугарска или кој како и да се изјасни дека се чувствува, ништо немало да изгубиме.
Во 2023 година Ковачевски очекува нов исчекор во европските интеграции кој, верува, може да се постигне базирано на фактот што големото мнозинство во државата даваат доверба на проевропски политичките субјекти.
„И оваа проевропска Влада што ја предводам, ќе продолжи да работи според очекувањата на мнозинството граѓани, а тоа се европски начин на живот дома и интеграција во Европската Унија. Оваа стратешка цел, поставена од независноста на државата и шансите за членство во ЕУ никогаш не биле поголеми и пореални од денес“, рече Ковачевски.