Премиерот Димитар Ковачевски и свечена делегација на Македонската православна црква, вечерва на аеродромот Скопје, ги пречекаа владините претставници и свештениците кои од Ерусалим го донесоа Благодатниот оган.
Оваа година, за прв пат, државна и црковна делегација присуствуваа на официјалната церемонија на преземање на Светиот Благодатен оган во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим, без да бидат дел од делегација на друга држава.
Благодатниот оган го преземаа лично од Ерусалимскиот патријарх и го донесоа во земјава, како благослов за македонскиот православен народ и за нашата помесна православна црква.
Благодатниот оган, во фенер, го изнесе делегатот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф, Митрополит Тетовски-гостиварски, по што од него свеќи запалија присутните претставници на владината и на црковната делегација.
Ковачевски на претставниците на МПЦ, на присутните, како и на сите граѓани кои празнуваат им го честиташе претстојниот празник Христовото Воскресение – Велигден.
Тој порача дека личното присуство на македонска државна и црковна делегација во Ерусалим и непосредното пренесување на Благодатниот оган во земјава, е уште еден значаен момент во македонската национална и црковна меморија, што го прави посебно овогодишното чествување на најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден.
По церемонијата на аеродромот огнот беше пренесен до поглаварот на МПЦ, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до храмовите и епархиите ширум државата.
Во Ерусалим беа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Симнувањето на Благодатниот оган во базиликата на Светиот Христов гроб во Ерусалим секоја сабота пред Христовото Воскресение, има древна традиција во христијанството и се случува во очекување на најрадосната објава за Христовото Воскресение.







