Заменик министерот за финасии и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на неговиот фејсбук профил изрази задоволство што може непосредно да се запознае со иницијативата „Отворен Балкан“ и да даде свој придонес.
„Чест ми што вечерва првпат учествувам на официјален работен настан на иницијативата ‘Отворен Балкан’. Оваа иницијатива е многу значајна за регионалниот развој на економијата и олеснување на движењето на луѓето, услугите и стоките во регионот. Драго ми е што можам да дадам личен придонес и одблиску да се запознаам за целиот процес“, пишува Ковачевски на фејсбук профилот на кој е објавена и фотографија од заедничката средба во Елбасан на премиерот Зоран Заев, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама.
Наместо во Тирана, Рама ги пречека Заев и Вучиќ во Елбасан, по повод состанокот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.
Тројцата присуствуваат на официјлната вечера заедно со делагациите на трите земји, во кои се министри и заменици министри, претседателите на трговско-индустриските комори, вишиот советник на Атлантскиот совет, Џим О’Брајан, како и потпретседателот на Фондацијата „Отворено општество“, Алекс Сорос.
Седмиот состанок во рамки на ницијатвата „Отворен Балкан“ ќе се одржи утре во „Палатата на бригадите“ во Тирана.







