Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници и советници за тоа како граѓаните сакаат да изгледаат локалните власти во нивните општини, оцени денеска портпаролката на Европската комисија (ЕК) Маја Коцијанчиќ во писмената изјава објавена на веб страната на ЕК.
Според Коцијанчиќ, акцентот сега треба да се стави на придвижување на реформската агенда насочена кон ЕУ преку инклузивен процес, во интерес на сите граѓани.
„Изборите беа набљудувани од страна на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која во својата првична изјава оцени дека двата круга беа конкурентни преку почитување на основните слободи, иако беа забележани одредени слабости, вели Коцијанчиќ.
Нагласува дека сите чинители во државава треба да ги спроведат препораките дадени од страна на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, со што ќе им се овозможи на државните институции да ги зајакнат своите капацитети пред следниот изборен циклус.
За оваа цел, потенцираше дека Европската унија е подготвена да понуди поддршка.
Забелешките и жалбите од учесниците на изборите, според Коцијанчиќ, треба да се насочат кон релевантните национални институции согласно установените процедури и во рамките на законските рокови.
„Важно е сите лидери да се однесуваат одговорно, за да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и политичките процеси, порача портпаролката на ЕК.







