„Земјите од ЕУ мора да го одржат својот збор и да ги отворат преговорите за пристап на Македонија и Албанија на самитот од 28 до 29 јуни, вели грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас. Тој во интервју за бриселскиот портал Еурактив“, изјави дека ваквиот потег ќе придонесе за стабилност на Балканот.
Коѕиас додаде и дека отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе им помогне на двете земји за ефикасно решавање на внатрешните проблеми и дека во спротивно би можел да биде загрозен постигнатата зпогодба за името.
Шефот на грчката дипломатија, кој сега постојано го користи терминот Северна Македонија, иако Европската комисија и натаму го користи називот ФИРОМ, во интервјуто што го даде во Луксембург пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, рече дека Балканот, заедно со Грција, треба да оди напред кон заедничка европска иднина.
Притоа укажа на разликите кои извесни, според него, „важни“ држави од ЕУ, ги имаат во врска со прашањето за проширување на Унијата и додаде дека Северна Македонија и Албанија ќе бидат високо на агендата на министрите за надворешни работи.
„Сакам да ги повикам сите страни да сфатат дека постојат реални проблеми во овие земји, но дека процесот на пристапување ќе им помогне ефикасно да ги решат“, изјави Коѕијас. Тој, исто така, рече дека им порачал на партнерите во ЕУ да бидат строги, но да не ја блокираат европската перспектива за Македонија и Албанија.
„Се плашам дека ако Северна Македонија не добие датум, сите напори, сите жртви и компромиси од двете страни, можат да бидат загрозени. Исто така, ако една од двете земји ги започне преговорите и, на пример, Албанија, остане настрана, тоа ќе доведе до нестабилност во регионот“, вели Коѕиас.
Грчкиот министер за надворешни работи во интервјуто додава и дека ако некои земји имале нерешени прашања со Северна Македонија и Албанија, требало тоа да го кажат досега, а сега кога е веќе тука извештајот на Комисијата за напредокот и предлогот за почеток на преговори, како што вели, Европа мора да го одржи зборот.
Потсетувајќи дека Франција не е задоволна од тоа како се одвива дебатата за иднината на Европа, Коѕиас смета дека од клучно значење е да се изедначат ставовите на Франција и Германија со цел да се избегне нарушување на стабилноста на Балканот.







