Работничката партија на Курдистан негираше вмешаност во завчерашниот бомбашки напад во Истанбул, со што ги демантира тврдењата на Турција за одговорност за експлозијата во која загинаа шест лица, објавено е вчеравечер на веб-страницата на партијата. Патем, во соопштението се вели и дека цел на ПКК никогаш не се цивили.
Претходно Турција објави дека ПКК и Единицата за заштита на народот (ИПГ), која е концентрирана во Сирија, се одговорни за експлозијата на авенијата „Истиклал“ во Истанбул.
Милицијата на сириските Курди (ИПГ) се истакна како добро организирана вооружена група за време на сириската граѓанска војна.
Тие воспоставија упориште на северот на земјата по повлекувањето на сириските владини сили и се поврзани со главната фракција на сириските Курди, Партијата на Демократската унија (ПИД).
Турција смета дека ПИД и ИПГ по ништо не се разликуваат од Курдистанската работничка партија (ПКК), која започна бунт во Турција во 1984 година за политичките и културните права на Курдите.Во конфликтите досега загинаа повеќе од 40.000 луѓе.
Околу 15-20 отсто од вкупното население на Турција од околу 85 милиони го сочинуваат курдското малцинство, кое претежно живее во источните и југоисточните области кои се граничат со Сирија.
Турција смета дека сириското „упориште“ ПИД е закана за националната безбедност.
И сириските Курди негираат учество во нападот во Истанбул.
Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курди, негираа вмешаност во експлозијата во Истанбул. Ова го објави командантот на СДФ, Мазлум Абди, на Твитер.
Досега ниту една група не ја презеде одговорноста за завчерашната експлозија во која загинаа шест, а беа ранети 81 лице.
(Фото: АП)







