Судењето за предметот „Тотал“ на СЈО во кој за даночно затајување е осомничен новинарот Драган Павловиќ-Латас, е одложено за 7 декември годинава.
Павловиќ-Латас дојде во судот и присуствуваше на денешното рочиште во Кривичниот суд. Судијката констатира дека не се испочитувани законските услови за одржување расправа бидејќи не се определени законски затапници за фирмите „Тотал маркетинг“ и „Медиамакс“, а ново рочиштен закажа за четврток.
На обвинетиот му беше укажано дека за правни застапници може да ги постави и своите бранители, по што тие се обврзаа во текот на денов да достават писмен поднесок до судот. Доколку тоа не биде направено, судот по службена должност ќе одреди правни застапници.
„Ние сме барале и кај судијата во претходна постапка не сме добиле во ниедна реченица одговор. Ако видовте денеска тоа беа 21 реда одговор од Кривичниот совет за претходна постапка, во кој со ниеден збор не се спомнува прислушуван разговор. Воопшто нема таков одговор. Затоа бараме право на жалба преку овој суд. Го бараме тоа што му е дозволено на Зоран Заев – рече Павловиќ.
Управителот на „Тотал меди центар“ Петар Вељановски бил уредно поканет, но се оправдал дека не може да дојде бидејќи имал работни обврски во Скопје, а доставата ја примил неговиот татко кој не го информирал на време.
Одбраната денеска забележа дека дел од доказите на СЈО се поднесени на недозволен начин, на што судијката одговори дека таа за тоа не е надлежна, туку судскиот совет кој одлучил да почне постапката.
Предметот „Тотал“ се однесува на даночно затајување од страна на Латас како сопственик и управител на фирмите за маркетинт и конслатинг услуги „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје.
Осомничениот Драган Павловиќ-Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 заедно со правни лица со намера да одбегнат плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давале лажни податоци. Правните лица го оштетиле буџетот за 121 илјада евра, а осомничениот за 63 илјади евра.







