Португалските пожарникари денеска го локализираа најсмртоносниот пожар во поновата португалска историја, иако огнот уште гори на некои места во други делови на државата, пренесе АП.
Пожарот избувна во саботата и во него до сега животот го изгубија 64 луѓе, а повредени се повеќе од 150. Оганот се прошири со неверојатна брзина во планинското подрачје на околу 200 километри од Лисабон.
Директорот на агенцијата за цивилна заштита Виктор Ваз Пинто соопшти дека пожарот во близина на градот Педрога Гранде е угасен, додека другиот пожар северно од тој град и понатаму гори заради што се евакуирани неколку села. Сепак, се очекува дека во наредните денови високите температури ќе се намалат што може да им помогне на пожарникарите во борбата против пламените јазици.
Португалскиот премиер Антонио Коста побара објаснување во врска со тоа што тргна на лошо во почетните операции на итните служби, а таквите барања можат да станат се погласни со понатамошното гасење на пожарот.
Полицијата смета дека пожарот го предизвикале молњи, а дека огинот се прошири со таква брзина поради високите температури и силните ветрови.
Истражителите денеска, меѓутоа, рекоа дека ќе ги разгледаат изјавите на раководителот на доброволните пожарникарски служби, Жаиме Марте Соареш, кој изрази сомнеж дека пожарот е подметнат.
Според податоците на Европскиот информатички систем за шумски пожари во пожаров изгореа 40.000 хектари португалска шума.








