Неделава во Брисел треба да се одржи Самитот на НАТО на кој Република Македонија очекува да добие покана за членство во Алијансата.
По добивањето на поканата, Македонија очекува да седне на преговарачка маса со Алијансата и процесот на зачленување да не потрае подолго од шест месеци.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во вчерашното интервју за Радио Слободна Европа изјави дека не очекува да се појават дополнителни проблеми во текот на процесот.
Таа не прецизираше дали се планираат конкретни мерки против Претседателот кој одбива да го потпише указот за Законот за ратификување на договорот со Грција, кој е еден од условите за членство во НАТО, но рече дека постојат неколку опции. Сепак, засега се концентрирани на референдумот.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенеберг претходно на средба со премиерот Зоран Заев изјави дека очекува лидерите на земјите членки на Алијансата на Самитот што ќе се одржи на 11 и 12 јули да донесат одлука за официјално започнување на преговорите за полноправо членство на Македонија во НАТО.







