Четиристотини и педесет Авганистанци времено ќе бидат сместени во Македонија. Станува збор за лица вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан.
Најголем дел од нив, кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ).
Владата, на вчерашната нејзина седница, донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од Соединетите Американски Држави, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.
Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, пак, се задолжени на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на Авганистанците и за нивно спроведување до хотелите во кои ќе бидат сместени.
Од Владата апелираат за внимателно, одговорно и точно информирање во врска со меѓународната хуманитарна мисија за која Македонија презеде иницијатива за вклучување и помагање.
„Никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации како што се оние дека, наводно, земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти“, велат од Владата и појаснуваат дека граѓаните од Авганистан се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти, и дека тие нема да бидат сместени ниту во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.
„Не ни се случува никаква мигрантска криза, напротив, ние сме дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури“, се наведува во владиното соопштение.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев доби поддршка од претседателот на Националниот демократски институт Дерек Мичел за одлуката за прифање авганистански цивили во земјава.
„Националниот демократски институт го поздравува премиерот на Северна Македонија за неговата заложба да прими авганистански цивили во неволја, кои својот живот го посветиле на мирно, мултиетничко општество со еднакви права за сите. Таквото лидерство и солидарност е она што се бара во време на криза“, напиша на неговиот
твитер налог претседателот на влијателната американска невладина организација која е посветена на унапредување на демократијата во светот.
(Фото: МИА)