За состојбата во инспекциските служби за подобрување на нивната ефикасност, надградба на капацитетите и знаењата на инспекторите, како и рационализација на регулативата, треба да понуди тригодишниот проект што од денеска го реализираат Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и ИДЕАС ДеПО, со финансиска помош од Агенцијата на САД за меѓународен развој.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски смета дека клучни слабости на инспекциските служби се преклопувањето на нивните надлежности, но и перципирањето дека треба да служат за полнење на буџетската каса, а не за подобри услуги за граѓаните.
„Се работи за неколку проблеми. Едното е преклопување на надлежностите и, кога веќе имаме толкав голем број инспекторати, тогаш навистина сите треба да знаат што прават и да бидат координирани од едно место. И пред сѐ, никој не треба да ја сфаќа работата на инспекциските служби како средство за полнење на Буџетот.
„Мислам дека тоа беше голем дел од проблемот во минатото, кога фалеа пари во Буџетот се пуштаа инспекциски служби за тој да се полни. Инспекциските служби треба да се сфатат само во контекст на подобрување на работата на институциите со цел граѓаните да имаат подбри услуги“, вели Манчевски.
Проектот, укажа министерот, е еден од клучните делови во функционалната анализа на јавната администрација којашто МИОА ќе ја спроведува во следниот период.
„Анализата треба да доведе до вистинските одговори за најчесто поставуваните прашања колку луѓе има, каде треба да одат и со што располагаме. Проектот е особено важен за да можеме точно да знеме во кои делови одредени инспекторати можеби се преклопуваат во своите ингеренции и каде можеме да го подобриме нивното влијание и работа – објасни Манчевски.
Тој потенцираше дека проблемите не се секогаш во инспекциските служби и оти преку проектот сакаат да идентификуваат што можеме да се направи за да се подобрат и нивните услови за работа.
Важно е, наведе, што инспекторите ќе бидат вклучени во утврдувањето на слабостите на инспекциските служби. Таквиот пристап ќе придонесе не само за подобри решенија туку и за соодветни обуки на вработените во инспекциските служби, рече Манчевски.
Дејвид Атбери, претставник на УСАИД за Македонија, нагласи дека подобрувањето на инспекциските служби на македонскиот пазар ќе придонесе за унапредување на деловното опкружување и на економијата.
„Во наредните три години преку проектот со МИОА ќе се соработува во насока на рационализирање на регулаторното опкружување, зголемување на ефикасноста на инспекциските служби и натамошна надградба на знаењето и капацитетите на инспекторите.
Очекуваме проектот дека ќе резултира со промовирање на раст предводен од приватниот сектор, односно до побрз економски раст во државата – изјави Атбери.







