„Денеска Специјалната антитерористичка единица, популарно позната како „Тигар“, одбележува 40 години од своето постоење. Тоа е сериозна годишнина достојна за прослава со сите највисоки почести бидејќи единицата денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и високиот насилен криминал. Таа е синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвеност да се спротивстави на каков и да е предизвик со кој е доведена во прашање безбедноста на земјата и граѓаните“, истакна премиерот Зоран Заев на церемонијата.
Тој нагласи дека за разлика од сите досегашни јубилеи, годинава, оваа значајна годишнина е посебно брендирана со нашето полноправно членство во НАТО од што произлегуваат и заедничките безбедносни интереси со сите со земјите членки.

„Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Северна Македонија со својот адаптиран воено-безбедносен систем според стандардите на Алијансата, свое значајно место има и Специјалната антитерористичка единица, која е оспособена да спроведува највисоки борбено-технички вештини. Борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, а оваа единица е еден од гарантите на овој приоритет“, потенцираше премиерот.
Заев, меѓу другото, истакна дека е убеден оти реорганизираната и модернизирана единица ќе го продолжи трасираниот четириесетгодишен пат на високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба, која заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем е гарант за мирот и безбедноста на граѓаните и за заштитата на уставниот поредок на државата.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, потенцираше дека денешното одбележување на датумот 13 март има своја исклучителна посебност и тоа од две причини.

„Првата, дека денес одбележуваме еден многу значаен јубилеј, а тоа е четиридецениско постоење на единицата и втората, фактот дека како резултат на нашите заеднички реформски напори за сеоопфатно техничко, материјално, професионално и организациско унапредување на МВР и неговото вредносно стандардизирање согласно критериумите на НАТО и ЕУ ја промовираме единицата во специјална антитерористичка единица „Тигар“, назив што сосема соодветствува со новата структура и концепциска надградба на полициска организациона единица“, рече Спасовски.
На присутните на церемонијата се обрати и командантот на САЕ „Тигар“, Митко Даневски.

„Овој период од четири децении за единицата не беше ниту едноставен, ниту мирен, беше период на бурни случувања во кој нашата држава и нашиот народ, а со нив и нашата единица се соочуваа со многу предизвици и искушенија, воени конфликти во земјата и регионот, непрекинатата борба против терористичките закани и организираните криминални групи, но во исто време тоа беше и период на постојан развој, на модерницазија и професионализација, период на интензинва обука, успеси и признанија, период на траснформации и реорганизации, нагласи Даневски.
Од формирањето до денес низ редовите на „Тигар“ поминале над 700 припадници на македонската полиција.
(Фото: МИА)







