Деновиве во македонското Министерство за внатрешни работи пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака од министерот за внатрешни работи, во која се известуваат дека Европол против нив води правни постапки за сторени низа кривични дела. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот преку вибер линк.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од министерството, ниту од било која друга институција за спроведување на законот.
Овие електронски пораки, велат, се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот заради нивна понатамошна злоупотреба.
„Апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отварате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.
Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот“, се наведува во соопштението што утринава МВР го лиферуваше до јавноста.







