Од средината на декември, корисниците нема да можат да започнуваат нови разговори помеѓу Инстаграм и Фејсбук, а постоечките ќе бидат ограничени само на читање
Компанијата Мета, која стои зад двете популарни социјални мрежи – Инстаграм и Фејсбук, најави значителни промени во можноста за комуникација меѓу овие две платформи. Од средината на декември корисниците повеќе нема да можат да започнуваат нови разговори помеѓу Instagram и Facebook, а постоечките разговори ќе станат само за читање.
Оваа промена доаѓа по ажурирањето на страниците за поддршка што Мета тивко ги направи, а кои станаа видливи дури кон крајот на ноември.
Со овие промени, Мета се обидува да се прилагоди на променливото регулаторно опкружување, а влијанието на оваа одлука врз корисниците и начинот на кој тие комуницираат на двете платформи сè уште не е јасно дефинирано.
Промената на политиката доаѓа како изненадување, особено затоа што оваа функционалност беше воведена дури во 2020 година.
Во тоа време, Адам Мосери, шефот на Инстаграм, рече дека овие промени ќе и овозможат на компанијата да работи поефикасно, создавајќи функции за пораки кои ќе важат за сите нејзини производи.
Се шпекулира дека овој потег можеби е поврзан со регулаторните притисоци, особено во Европската Унија, каде се разгледуваат нови правила кои би можеле да влијаат на работата на големите технолошки компании.
Одвојувањето на функционалноста за пораки помеѓу Instagram и Facebook може да биде одговор на тие притисоци, особено во светлината на построгите антимонополски закони.







