Европол ја поддржа шпанската Цивилна гарда (Guardia Civil) во разбивањето на криминална организација која криумчарела големи количини кокаин од Јужна Америка во Европа преку Канарските Острови.
Во акцијата биле вклучени и органите на прогонот од Хрватска, Италија и Србија.
Истрагата откри значајна закана; се поголема способност на криминалните организации тесно да соработуваат и да испраќаат свои припадници на различни локации на подолго време, за да овозможат криумчарење на дрога во големи размери.
Затоа, меѓународната соработка на органите за спроведување на законот низ Европа беше клучна за апсење на осомничените и спречување на нивните криминални активности.
Како што соопшти Европол, еден член на екипажот на бродот што пловел под полско знаме бил хрватски државјанин поврзан со т.н. балкански картел.

Истрагата, која започна во март 2022 година, беше насочена кон пловен објект со полско знаме со привремена база во Канарите, за кој се сомневаше дека се користел за транспорт на кокаин.
Од тој момент, полициски службеници ги следеа активностите на екипажот.
Едното лице, италијански државјанин, било поврзано со италијанската „Н’дрангета“, а другото, хрватски државјанин, било поврзано со т.н. балканскиот картел.

Иако не се занимавале со никаква професионална дејност и двајцата имале висок животен стандард и истовремено го одржувале бродот во одлична состојба.
Спомнатиот брод се движел на различни рути за да изгледа дека се работи за нормални активности до 27 јули 2023 година кога шпанските власти воочиле необично патување до изолирана локација далеку во Атлантскиот Океан. Оттаму испловиле на 2 август, а три дена подоцна шпанските власти извршиле рација на бродот и на него откриле 750 килограми кокаин.
Во меѓувреме, полициски службеници на копно во Шпанија уапсија две лица, еден хрватски и еден српски државјанин.
Двајцата беа осомничени дека ја координирале операција за шверц на дрога од копно.
При апсењето кај осомничените биле пронајдени телефони со чија помош ги координирале криминалните активности.

Европол ја олесни размената на информации и континуирано даваше аналитичка поддршка во истрагата. Европол, исто така, даде свој допринос за севкупната координација на случајот која се спроведувала помеѓу различни агенции и од дистанца ја поддржа акцијата.

(Фото: Европол)







