Италијанскиот проволигаш Милан потврди денеска дека на засилувања во овој летен преоден рок потроши преку 230 милиони евра.
Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони го продаде клубот во април на кинески конзорциум за 740 милиони евра. После неколку сезони кои Милан ги заврши со просечни резултати, новите сопственици се надеваат дека седмократниот освојувач на Лигата на шампиони ќе го врати меѓу водечките европски клубови.
„Ова беше многу важен преоден рок кој ги надмина сите наши очекувања, ако сакаме да бидеме искрени“, изјави извршниот директор на клубот Фасоне.
„Работите со времето се развиваа. Иницијално идејата беше да потрошиме помалку пари, но на крајот дадовме повеќе од 230 милиони евра, што е навистина многу пари“, додаде тој.
Засилувањата кои стигнаа во Милан ова лето се напаѓачот на хрватската репрезентација Никола Калиниќ, португалскиот напаѓач Андре Силва, играчите за врска Хакан Чалханоглу од Турција и Лукас Биглиа од Аргентина, швајцарскиот лев бек Рикардо Родригез и италијанскиот одбранбен играч Леонардо Бонучи.