Главата на едно од најпознатите светски семејства, милијардерот Дејвид Рокфелер, почина во 102 година.
Близу Њујорк, во семејната куќа во Покантико Хилс, на Девјвид Рокфелер во сон му откажа срцето.
Роден е во Њујорк, во дотогаш највисоката зграда во градот, во „осумкатницата“. Бил најмлад од шестте деца на финансиерот Џон Дејвисон и Еби Рокфелер, внук на косопственикот на нафтената компанија „Стандард оил“, Џон Рокфелер.
Брилијантниот студент на Харвард и прочуената лондонска школа за економија, од најраната младост бил опкружен со луксуз.
Во Втората светска војна, од која излезе со чин капетан, служеше во Северна Африка и во Франција, каде што го усоврши францускиот јазик.
Работел за воената разузнувачка служба, на економски прашања, а веднаш после војната, во 1946 година, се приклучил во семејната банка, денес позната како „Џеј Пи Морган Чејс“.
Одржувал врски со повеќе од 1.000 банки ширум светот, пред да дојде на чело на банката, која под негово раководство се проширила и станала еден од носителите на светскиот финансиски систем.
„Чејс“ ја отвори првата филијала на американска банка во Москва, во СССР, а Националната банка на Кина стана прва банка коресподент во САД.
Рокфелер беше советник на секој американски претседател од Ајзенхауер па натаму, учествувајќи неофицијално, во значајни дипломатски мисии.
Одбивал функции, но знаел да воспостави мостови таму каде што другите не можеле.
Во Хенри Кисинџер, велат, пронашол политички оперативец кој ги делел неговите погледи.
Републиканец по политичко определување, припаѓаше на Рокфелеровите републиканци кои ги поддржуваа секогаш умерените припадници на оваа конзервативна партија.
Наводно, имал добри врски со ЦИА, чии директори одлично ги познавал.
Нема значајна личност во САД, политичар или деловен магнат во светот кого не го познавал.
Бил донатор, основач или вклучен во формирањето на Советот за надворешни работи, Трилатералната комисија, Билдерберг групата, Советот на Америка, Азиското друштво, Светскиот економски форум….
Неговите бројни патувања со приватен млазен авион опфаќаат средби со Фидел Кастро, Никита Хрушчов, Михаил Горбачов… Меѓу личните пријатели се и семејствата Роштилд, Далас, на Хенри Форд и сопственичката на „Вашингтон пост“, Кетрин Грем.
Дејвид Рокфелер се ожени со ќерката на партнерот во познатата адвокатска фирма од Вострит, Маргарет Пеги Меграт, со која има шест деца.
За стотиот роденден во 2015 година, на државата Мејн и подари повеќе од 2.000 хектари земја.
Тој е единствениот член на семејството кој објавил мемоари. Но и покрај долготрајната подготовка од дури десет години, критичарите останаа разочарани, затоа што секоја страна, велат, „содржи прашање без одговор“.
Во 86 година Рокфелер животот го преточи во песна.
„Рано ме учеа да работам подеднакво добро како што си играм. Мојот живот беше долг, среќен одмор, полн со работа и полн со игра. Патем, ја отфрлив грижата и Господ беше добар кон мене секој ден“, запишал Дејвид.
Борба за милијардите
Според официјални податоци кои ги објави магазинот „Форбс“, богатството на починатиот Дејвид Рокфелер изнесува околу 3,5 милијарди долари. Потомокот на најбогатото семејство во историјата на САД, зад себе остави шест деца, но прашање е кој ќе го наследи неговото богатство, со оглед на тоа дека неодамна во американските медиуми се појавија информации дека голем дел од своето богатство ќе го остави на универзитетот во Харвард.
Како што пишуваше „Бизнис инсајдер“, Рокфелер, кој беше последен жив внук на легендарниот нафтен магнат Џон Д. Рокфелер, во текот на животот имал тенденција да донира енормни суми пари во добротворни цели.
Забележено е дека неговите донации надминале неколку милијарди долари.
Што се однесува на распределбата на неговите пари, „Бизнис инсајдер“ наведува дека Универзитетот Харвард ќе добие најмалку 100 милиони долари, додека остатокот ќе биде поделен во помали донации, и распореден во семејните фондови, најверојатно за секое од неговите шест деца.
Наследството на Рокфелерови почнало со еден млад библиотекар во Кливленд, кому во таа дамнешна 1855 година целта му била да заработи 100.000 долари и да живее 100 години, пишува „Форбс“.
Неговиот тренинг за големи дострели вклучувал десетдневен курс за сметководство.
Тој човек бил Џон Д. Рокфелер, дедо на починатиот Дејвид Рокфелер.
Џон станал првиот светски милијардер во 1916 година, кога поседувањето на толку многу пари било незамисливо. Кога починал во 1937 година, неговото наследство изнесувало дури 1,5 проценти од вкупната американска економија. Кога тоа богатство би се превело во денешни норми, би изнесувало околу 340 милијарди долари, што е четири пати повеќе од богатството кое го поседува моментно најбогатиот човек во светот, Бил Гејтс.
Династијата Рокфелер е многу таинствена, повеќето членови од семејството се држат подалеку од очите на јавноста, пишува „Форбс“.
Најголемото политичко име во фамилијата бил Нелсон Рокфелер, кој бил потпретседател на Америка во мандатот на Џералд Форд.
Вториот брат на Дејвид, Винтроп Рокфелер бил, пак, републикански гувернер во Арканзас.
Црногорците се простија од милијардерот
Во црногорскиот дневен весник „Дан“ осамнаа големи некролози за починатиот милијардер Дејвид Рокфелер.

„На големиот човек, наш деловен партнер, последен поздрав“, пишува во еден од објавените некролози кој го потпишуваат неговите „другари од Мистер“, наведени главно со прекари.
Во другата кратко е напишано: „Подобар не можеше да бидеш“, а потпишани се извесни Ѓуро Пајовиќ и Владимир Чобељиќ.












