Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) бара од мандатарот Димитар Ковачевски, Министерството за труд и социјална политика да го води човек, синдикалец, од нивните редови кој, како што велат, знае како се води социјалниот дијалог“.
„Деновиве слушаме дека за Министерството за труд и социјална политика се водат ‘битки’ со одредени коалициски партнери во владејачкото мнозинство. Сојузот на синдикатите на Македонија најодговорно тврди дека ресорот труд и социјала треба да го води човек кој знае како да ги реши проблемите на работниците – важна е компетенцијата, а исто така важно е да ги познава процесите кои се водат за донесување на нов Закон за работните односи, нов Закон за безбедност и здравје при работа и нов Закон за мобинг, за да не се случи овие процеси кои се водат веќе и по три години да започнат одново и да траат премногу долго, а на штета на работниците“, велат од ССМ.
На мандатарот за нова Влада, додаваат, му укажуваме дека доколку се избере таков човек, ние синдикатите ќе знаеме дека оваа Влада и сите нови влади што следат им мислат добро на работниците.
„Потсетуваме дека во изминатиот период работодавачите имаа министер во владите од своите редови преку коморите, па редно време е работниците да добијат министер, синдикалец од нивните редови“, потенцираат од ССМ.







